ГАСЕЊЕ ПОЖАРИ vs. МЕНАЏИРАЊЕ: Менаџирањето е СЀ и СЀ е Менаџирање

„Што да им правам Александар, ене ти ги, прашај ги, еден пакет без грешка немаат пратено!!“

“Не бре, не сакаат да работат како што треба! Па не можам и јас све сам човеку, сами си се криви, а и не ми требаат веќе да ти кажам…“

Ете со какви ситуации се сретнувам јас секојдневно во мојата консултантска работа со мали и средни претпријатија.

Освен тоа што овие изговори станаа вообичаени, уште пострашно е што сопствениците на компаниите се уверени дека тоа што го кажуваат е вистина, дека ете, така морало да биде.

Епа НЕ МОРА, затоа што во моментот кога давате изговори, веќе сте изгубиле контрола над Вашиот бизнис и не знаете како да размислувате и правилно да управувате со ситуацијата!

Затоа, би сакал да поразговараме малку околу менаџирањето, или, како што јас на шега би го нарекол, ГАСЕЊЕТО ПОЖАРИ.

Да се разбереме, колку е поголема компанијата, толку поголеми се проблемите, односно, пожарите!

До 2004 година бев сопственик на мал бизнис.

Мојата главна цел беше да нудам БРЗА и КВАЛИТЕТНА услуга, значи навремена достава, и преку чесно и напорно работење бизнисот да расте.

Но, од денешен агол, јасно е дека за успешен бизнис потребни се многу други вредности и способности на еден бизнисмен.

Па така, тој бизнис згасна во 2005-та година после 9 годишно постоење, и во тој период постојано се прашував колку чекори назад треба да се вратам за да извлечам ПОУКА и да постигнам успех.

Денес, по 14 години активно спремање, надоградба, бизнис академија, коучинг академија, факултет, семинари, и илјадници предавања акумулирав доволно знаење и искуство за да го имам она што ми е потребно да успеам како бизнисмен.

Преку секојдневната комуникација со сопственици на бизниси во Македонија, знам дека и денес главен проблем е држењето на сопственикот или менаџерот строго до дејноста која што ја познава.

На пример, ако некој е инженер за производство, смета дека истото му е доволно за да биде експерт.

Но според мене, за успешно водење на бизнис, потребно е МНОГУ ПОВЕЌЕ од основната дејност!

Па така, клучот за успешно водење на бизнис се други способности кои еден менаџер или сопственик на бизнис треба да ги има како способност за комуникација, планирање, анализирање, контрола, и менаџирање.

А во Македонија деновиве се измешани работите.

Човек веќе не знае дали таму работат менаџери или пожарникари!

Можеби се прашувате како настануваат овие „пожари“?

Гасење пожари vs. Менаџирање

Видео: ГАСЕЊЕ ПОЖАРИ VS. МЕНАЏИРАЊЕИСТРАЖУВАЊЕ: Во моментов правиме кратко истражување за проблемите кај бизнисите во Македонија. Имаме 5 кратки прашања и за да ги одговорите, кликнете тука: https://goo.gl/forms/k9q2Qo2G4BVZi4wv2

Gepostet von Aleksandar Kocovski, Life & Business Coach am Mittwoch, 6. März 2019

Се зависи од компанијата, а неколку елементи играат клучна улога во нивното креирање, и тоа:

– Животната фаза на компанијата во која се наоѓа;

– Карактерните особини на сопственикот/менаџер;

– Нивото на толерирање на (не)способните менаџери;

– Лош систем на управување со компанијата/немање на систем;

Во нашата земја, еден ПОЖАР е најчесто кумулативен збир од гореспоменатите фактори!

Овде, сопственикот на компанијата, како и во секој друг аспект, ја игра клучната улога!

Од негова гледна точка, независно од образованието кое го поседува или титулата, постојат 3 типа на луѓе во управувањето на бизнисот?

– Бизнисмен;

– Менаџер;

– Работник;

Одиме по ред – што претставува еден Бизнисмен?

За мене, Бизнисмен е човек кој ЗАРАБОТУВА барем 1 евро, без да бидат вклучени неговите 24 часа.

Менаџерот од друга страна, е лицето кое ја спроведува визијата на компанијата на дело.

Ако сопственикот на бизнисот е истовремено и менаџер, во таквата компанија, гасењето на пожари е неретка работа.

Работникот пак, во најголемиот број од случаите, е човек кој сака да му се каже точно што да работи, и, народски кажано „да не му се филозофира над главата“.

Ова е човек кој нема реална желба за надоградба и едукација, како и за определен детален систем на работа.

Единствената желба на работникот е чесно и напорно да РАБОТИ за ниска цена, бидејќи според него, тоа е единствениот пат до успехот.

Во мојата пракса како Бизнис Консултант, најчесто гледам вработени кои се и сопственици, односно, сопственикот е истовремено и работникот во својата фирма!

Независно од тоа дали сте сопственик или не, вие морате да знаете точно во која група спаѓате, за да знаете на што точно да се ФОКУСИРАТЕ.

Значи, како сопственик, вие треба да се занимавате СО бизнисот, а не внатре ВО бизнисот гасејќи пожари!

Да ви појаснам – Во една компанија не постои човек кој може да размислува како сопственикот. Поради тоа, сопственикот како одговорно лице на компанијата мора постојано да размислува и да поставува долгорочни цели.  

Па ако Вие како газда не ги поставите целите и модусите на работа, кој друг!?

Сопственикот е оној кој а ДЕФИНИРА, и по потреба ја РЕДИФИНИРА визијата и мисијата на компанијата.

Видете, знаете добро дека во бизнисот работите се одвиваат доста брзо!

Едноставно морате постојано да го МОНИТОРИРАТЕ вашето опкружување, а тоа вклучува се, од склучување на меморандуми за соработка, нови договори, нови можности, и најважно, да знаете како да ангажирате врвни менаџери кои успешно ќе ја пренесат Вашата визија кон останатите вработени!

Сето ова бара постојана едукација! Е сега, веројатно сте свесни што најмногу прават повеќето од сопствениците во нашата земја…

Да, тие наместо да се едуцираат и да се надоградуваат како бизнисмени, тие се занимаваат внатре во бизнисот со гасење на пожари.

Се сеќавам на еден сопственик кој замислете, на закажан состанок со мене мораше итно да крева пакети и да се кара со вработените докажувајќи им како се работи со машината!

На секој состанок, постојано го слушам истото:

„Нее Александар, па види ги, значи се морам сам да работам овде! Па ова не е хумано, работам по 15 саати дневно, ни жена, ни деца, ни ручек сум видел, изгорев скроз со овие!!“

Значи да се разбереме, Вашата работа, односно функција како Бизнисмен која патем самите сте ја одбрале бара ПОСТОЈАНО УСОВРШУВАЊЕ!

Немојте да ја игнорирате Вашата надоградба, мислејќи дека вработените ќе ги исполнат обврските правилно и безболно. Впрочем, затоа и збориме за гасење на пожари, затоа што Вие не можете да се потпрете на Вашиот тим.

Сите во бизнисот мислат дека МИСЛАТ, но јас ве уверувам дека тоа не е точно!

Како никогаш порано, денес сме опколени со луѓе и медиуми кои сакаат да го одземат нашето внимание и време.

Самата околина е конфузна и неорганизирана, па затоа кога сме дома постојано размислуваме за работата, а кога сме на работа пак ни текнува да се јавиме и да прашаме како е ситуацијата дома!

Кога знаеме дека се во Универзумот функционира според ЈАСНО ДЕФИНИРАНИ принципи, правила, и закони, кои сме ние постојано да внесуваме неред во сета таа природа!?

Во вакво време на стрес и конфузија, „трка на стаорци“, и безброј други проблеми, ние едноставно не сме способни да резонираме најпрвин како луѓе, а пак да не зборувам и за донесување на БИЗНИС ОДЛУКИ.

Ниту една добра идеја не може да произлезе од состојба на конфузија!

Кога сте конфузни, особено во бизнисот, работите со претпоставки и само очекувате дека се ќе испадне баш како што треба, или уште полошо, како што сте замислувале.

Тука веќе креирате услови за вистински пожар!

Затоа единствениот, односно, ВИСТИНСКИОТ начин на размислување е седнување со парче молив и ливче, и барање на решенија за повеќе да не гасите пожари во компанијата.

Размислете убаво ЗОШТО го започнавте Вашиот бизнис. Во кој сегмент од работат се истакнувате, а во кој сте помалку добри? Запишувајте се и анализирајте ги сите можни резултати и ситуации како последица од Вашите одлуки!

Што е она кое најмногу ви смета во работењето на Вашата фирма? Дали можете да си дозволите да ангажирате човек кој ќе размислува за Вас, и ќе знае ТОЧНО кои одлуки да ги донесете за Вашата иднина?

Едноставно кажано, дали сте Вие ВОЗАЧОТ на Вашиот бизнис, или сте таксист?

Секако, Вие сте возачот, и само Вие треба да знаете како правилно да МЕНАЏИРАТЕ со Вашата компанија!

Не би сакал да звучам морбидно, но секој човек, на крајот од патот, жали за определени работи кои не ги направил. З што повеќе ќе жалите кога ќе го напуштите овој свет?

За пропуштените прилики, моменти со Вашето семејство или што не сте биле одговорни со управувањето на Вашиот живот и Вашиот бизнис?

Се е дел од една ИГРА, како животот, така и бизнисот! Во оваа игра, клучната алатка е МЕНАЏМЕНТОТ, а ако не знаете да играте во бизнисот, практично си играте со сопствениот живот!

Јас искрено се надевам дека Ви помогнав и дека конечно ќе седнете и здраво ќе размислите дали повеќе вреди постојано да се справувате со пожарите во Вашата компанија, или ќе ИМПЛЕМЕНТИРАТЕ СИСТЕМ со кој успешно ќе ги угаснете дури и пред истите да се распламнат.

Исто така, би сакал уште еднаш да ги повикам оние кои не се вклучија во истражувањето кое го спроведувам со мојот тим истото да го сторат ОВДЕ.

Се работи за само 5 прашања кои би ви истрошиле само една минута, а мене би ми значело премногу!

Leave a reply:

Your email address will not be published.

Site Footer