ПРОБЛЕМИ СО НАПЛАТА: Како до Поефикасна Наплата на Побарувања

Ајде да зборуваме малку за една од најголемите главоболки која го изначува секој бизнис сопственик во Македонија – НАПЛАТА на производи и услуги!

Проблеми со Наплата

ПРОБЛЕМИ СО НАПЛАТАВо ова видео зборуваме за можеби најголемиот проблем кај повеќето бизниси во Македонија и што да направиме за да го решиме. ИСТРАЖУВАЊЕ: Во моментов правиме кратко истражување за проблемите кај бизнисте во Македонија. Имаме 5 кратки прашања и за да ги одговорите, кликнете тука: https://goo.gl/forms/k9q2Qo2G4BVZi4wv2

Gepostet von Aleksandar Kocovski, Life & Business Coach am Mittwoch, 27. Februar 2019

Сите во бизнис светот знаеме дека финансиската дисциплина е КЛУЧНА, и сите страни мораме да ги почитуваме договорените обврски и рокови.

За разлика од Европа, каде што роковите за наплата на побарувања постепено се намалуваат, во Македонија, сеуште не е подобрена финансиската дисциплина, и уште полошо, роковите за наплата надминуваат и повеќе од 90 дена!

Па, да видиме, како можеме заедно да го решиме проблемот со наплатата, и како да примениме систем кој функционира во условите на Македонскиот пазар.

Пред се, да се разбереме – не е се така црно!

Во Македонија постојат компании кои имаат сериозни проблеми со наплата, но од друга страна, постојат компании кои УСПЕВААТ добро да си наплатат, па дури и го водат бизнисот со авансно плаќање.

Значи, имаме компании кои постигнуваат фантастични резултати и немаат никаков проблем со наплата, па дури и во време на финансиски кризи.

А од друга страна пак, имаме компании кои постојано се мачат да постигнат ликвидност.

Да ви раскажам за едно мое искуство со решавање на проблемот на наплата!

Пред некои две години ме ангажираше еден клиент кој беше сериозно загрижен околу проблемот со наплата.

Едноставно, човекот сакаше да му стави крај на овој проблем поради кој беше на прагот да ја затвори фирмата!

Замислете, трчање по роба, плаќање на сметки, плати на вработени, а на крај, да не можеш да си ги наплатиш своите пари.

Му ветив дека ќе го решиме проблемот!

Веднаш започнавме со анализа, односно ДИЈАГНОСТИКА на неговиот бизнис и принципите на работа со цел да ја утврдиме точната бројка на клиенти, да ги поделиме во групи и заедно да ги детектираме неплаќачите и групата во која спаѓаат.

Во овој случај ги анализиравме сите фактори кои имаат и најмала допирна точка со наплатата на побарувања.

Интересно е што луѓето започнаа навистина да ги споделуваат своите маки, како мојот систем на работа да беше долгоочекуван и добредојден, и како да знаеја дека нивниот проблем ќе биде РАЗРЕШЕН ако бидат искрени за ситуацијата.

Така, се здобив со доста информации директно од случувањата на терен, и утврдив неколку пропусти во работењето што довеле до фрикции во работата со клиентите. Тука, еден од вработените ми велеше:

„Е добро Александар, како јас да ги наплатам побарувањава кога стално им касниме со роба! Постојано нешто им фали, па расправај се по телефони, па грешка фактури, па нешто доцнело…Да ти кажам, вистинска среќа е што сеуште работат со нас..“

А во меѓувреме, газдата пак воопшто не е свесен дека ова се случува, а во исто време постојано им врши притисок на вработените и го гледа нивниот труд како недоволен.

„Кога укажуваме на проблемите, менаџерите постојано ни се лутат и велат дека само се буниме без потреба!“

Е сега, овде доаѓаме до сосема друг проблем, кој пак всушност е КОРЕНОТ на сите останати проблеми вклучувајќи ја и наплатата.

Сопственикот на компанијата живее во една реалност, менаџерите во друга, вработените трета, а и клиентите се на сосема друга фреквенција.

Всушност, можам да кажам дека во барем 90% од случаите, нив ги поврзуваат неколку заеднички елементи, и тоа:

– Навиките на сопственикот;

– Начинот на размислување;

– Самодовербата и Дисциплината;

И сега, каде е овде вистината за проблемот!?

Дали станува збор за ментален склоп од кој никако не можеме да излеземе, па секогаш за наши проблеми ни се криви другите?

Реалноста е дека проблемот е секогаш во нас, а бегајќи од самиот проблем и обвинувајќи ги другите ја пропуштаме можноста за раст при соочување и темелно решавање со проблемите!

Во превод, првиот човек, односно сопственикот е КЛУЧОТ во бизнисот!

Неговото опкружување, односно неговиот бизнис е токму последица на начинот на размислување, работење, и на вредностите што ги градат во рамките на својата компанија.

По извршената дијагностика, веќе знаев како ќе го решам проблемот со наплатата во оваа компанија!

Најпрвин, закажавме еден работен состанок на кој ги вклучивме сите чинители во бизнисот, односно секој кој има дури и НАЈМАЛА ДОПИРНА ТОЧКА со наплатата.

Сите вклучени страни ги „седнав“ на маса и заедно ги ислушавме сите нивни поплаки и приговори околу начинот на кој компанијата работи. Во овој момент, клучно е да се потенцира дека не постои мал проблем или глупаво прашање.

Колку и еден проблем да ни звучи тешко и комплицирано, мораме внимателно да го ислушаме и анализираме.

По увидот во листата на клиенти, го применивме Паретовото правило кое гласи 80/20, односно, од 100% од Вашите клиенти, 20% од нив ви носат 80% од приходите.

Кога дознавме кои се проблематичните клиенти, ги подредивме во група за да видиме кој каде припаѓа.

Е сега, зошто е ова важно се прашувате? Па што има да ги групираме во листа кога веќе ги знаеме кои се?!

Затоа што е логично да се ФОКУСИРАМЕ на тие 20% кои ни носат повеќе приходи, наместо со останатите 80%.

Секако, целосната бизнис стратегија ќе биде имплементирана кон сите 100% од базата на клиенти, но тие 20% мора да бидат приоритет!

Следниот наш чекор беше ВКЛУЧУВАЊЕ НА СИТЕ вработени во процесот преку обуки и тренинзи со цел вработените да бидат полесно едуцирани околу надминувањето на проблемите со кои ќе се сретнат при имплементирањето на новата стратегија.

Зошто, се прашувате? Па зарем луѓето не си ја знаат работата, зошто само да ги оптеретуваме со едукација така?

Затоа што само доволно едуциран вработен може да вложи 110% во својата работа!

Не можам да Ви отсликам со зборови колку е ВАЖНА постојаната надоградба на професионално, но и персонално ниво!

Во моментите на едукација, самата свест е на повисоко ниво, и секој кој континуирано работи на себе ќе се издигне како личност, но и ќе допринесе со нов квалитет во работатата и односите со клиентите.

Да се навратам на еден друг муабет кој постојано го слушам во мојата консултантска работа:

„Па не е до мене Александар, овој газдата постојано ме тера да притискам за наплата, не е фер!“

Или вечното клише:

„Не е до мене, така од горе ми наредуваат, што да правам!?“

Значи овој тип на изговори се нешто што мораме да го ПРОМЕНИМЕ од корен.

Целосната стратегија и натамошните збиднувања во компанијата можат да зависат целосно од начинот на кој ќе ги поставите работите, и единствено  само Вие и Вашиот тим ќе знаете како овие промени кои ќе се случуваат ќе влијаат на успехот на компанијата!

А клиентите, како Ваши партнери, утре повторно мораат да купуваат од Вас.

Лесно е да престанете да соработувате со „лоши“ клиенти, но јас ВИ ДАВАМ стратегија која во текот на работењето ќе Ви помогне да развиете дисциплина и да го решите проблемот со наплатата еднаш – ЗАСЕКОГАШ!

Во фазата на имплементација на новата стратегија, морате да држите состаноци НАЈМАЛКУ 2 ПАТИ со Вашите вработени!

Најдобро е состаноците да ги одржувате на почетокот и на крајот на работната недела.

Самиот работен состанок е местото каде што треба да ја поттикнете атмосферата, и каде што треба да размените искуства со вашите вработени.

Што поминало добро со клиентот, а што лошо? Како можеме да направиме одредена работа подобро?

Сите вработени кои вистински се ангажираат за успехот на компанијата треба додатно да бидат охрабрени за да покажат уште подобри РЕЗУЛТАТИ!

Ако бидете трпеливи и дисциплинирани, преку комплетно нова стратегија, ќе го достигнете нивото кое го посакувате и ќе го решите проблемот со наплатата.

Запомнете дека темелната промена не се случува за краток период, и потребен е континуиран труд за било која стратегија да успее на долгорочен план.

Се надевам дека ова Ви звучи како нешто кое можете да го примените и во Вашата компанија, дека Ви помогнав, и дека конечно ќе му ставите крај на проблемот со наплатата!

Овој период работиме напорно на доста полиња, па дури и (ако се оди како што планирам) ќе издадам и книга која оди доста подлабоко во целата тематика.

Затоа, во моментов спроведуваме и кратко истражување за уште подобро да ја разбереме реалната состојба, па доколку сте сопственици на бизнис, Ве поканувам да кликнете ОВДЕ и да одговорите на прашалникот кој внимателно го подготвив за Вас.

Ви благодарам за вниманието!

Leave a reply:

Your email address will not be published.

Site Footer