КРЕИРАЊЕ НА ВРЕДНОСТИ: Бидете ИЗВОРОТ, не изговорот!

Еден од најчестите проблеми со кои се соочуваат бизнисмените во Македонија е немањето вредни работници.

Работата успорува, квалитетот се намалува, а сепак, ќе слушнете дека се е во ред и дека „ќе ги бидело“.

Дали ВРЕДНИ вработени сеуште постојат на пазарот, или бизнисмените само се измачуваат барајќи го вистинскиот кадар?

Многу од сопствениците на бизниси се плашат од вистината која излегува на виделина кога најмалку очекувате.

Па така, изговорите се најчестите илузии со кои се сретнувам во мојата консултантска работа.  Честопати ќе слушнам:

Ејјј да се немало вреден работник како порано, ти текнува Александар? Ни пауза, ни кафе мафе, ни софри видовме. Овие денес повеќе мислат каде кафе ќе испијат отколку на работата!“

Да, ова до некаде е точно, и е еден вид на реалност која ја наметна новото време.

Но, кога со вакви изговори настапуваат сериозни сопственици на бизниси, едноставно, сакам да почекам некој момент и да видам што уште ќе употребат како изговор кога зборуваат за вработените.  

Со еден од моите поранешни клиенти, уште во самиот разговор дојдовме до РЕШЕНИЕ на проблемот. Ми вели:

„Абе да се немало работници и да се немало, не се како порано Александар…Волку неодговорна младина не сум видел до сега! Само со зорт да ги тераш..“

Јас само го замолив да ја доврши реченицата. А човеков ме гледа зачудено додека го охрабрувам да продолжи со изговорите. Продолжува со:

„Се знаеше порано, ние кога работевме бевме многу вредни и одговорни. На времето имаше систем, високи стандарди! Кога шефот ќе дадеше задача, се знаеше тука редот одма!

Сите поминавме обуки и сите бевме професионалци. Да, имаше забушанти, но сепак имаше некоја контрола, роба со грешка не смееше да излезе!“

Кога клиентот заврши со зборување, јас веќе направив ментална слика од неговите зборови, па му кажав точно на што беше ФОКУСИРАНО кажаното, иако во момент на нервоза и незнаење тој не можеше да го сфати истото:

Вредни: Луѓе кои активно ве слушаат, кои се интелегентни, кои правилно си ја работат задачата.

Одговорни: Луѓе кои ја произведуваат бараната вредност во дадениот рок според поставените стандарди.

Менаџмент: Организација и координирање на активностите во компанијата заради постигнување на поставените цели.

Работа: Одредените задачи кои треба да се извршуваат на дневно ниво, а кои носат профит за еден бизнис.

Дисциплина: Дисциплинираната работа ве прави сигурни дека секој вработен ќе се однесува прифатливо и одговорно на работното место во согласност со правилата на организацијата.

Системи: Процедурите, методот на делување дизајниран за да се постигнат резултатите.

Високи стандарди: Високо-квалитетна работа, одличен производ без ниедна мана.

Обука: Процес преку кој вработените се обучуваат за работното место, и се надоградуваат со нови знаења и вештини.

Контрола: Поставување на стандарди, мерење на перформансите на вработените, и корективни дејствија за подобрување на работата.

И само после една кратка пауза, одговорот беше:

„Александар, да се фатиме за работа!“

Што ни кажува ова?

Ни кажува дека луѓето се заслепени, дури и кога станува збор за сопствените бизниси.

Најблаго речено, луѓето изгледаат како да се во транс!

Не можете едно да зборувате, друго да мислите, а трето да правите. Ова е ФАТАЛНО не само во бизнис светот, туку и во животот!

Само кога ќе успееш да им го предочиш правилно мислењето на луѓето, тогаш го вклучуваат умот во функција.

Да се разбереме, ДОСТА Е од постојано жалење за проблемите.

Потребно е секогаш да се гледа во решенијата луѓе, бидејќи како во случајот погоре, истите ни се пред очи!

Реално, ниту еден вработен не заработува повеќе отколку што вреди. А од друга страна, секојдневно ги слушам истите вработени:

„Ааа, јас за 200 евра што треба да му работам? Колку да продадам за тие пари? За 300-400 евра не работам плус па што сака нека биде, нека покачи, па ќе видиме!“

Ако и Вие размислувате исто како и овој тип на вработени, морате сериозно да се запрашате што всушност правите!

Морате да разберете дека вредни работници креира само ВРЕДНА КОМПАНИЈА.

Ако сакате да јадете месо, а сте порачале вегетеријански сендвич, нема да вкусите месо колку и да го обвинувате готвачот.

Значи, ако сакате да имате вредни вработени, мора и Вие да бидете ВРЕДНИ и да ја градите Вашата компанија врз основа на ВИСОКИ СТАНДАРДИ и вредности.

Ако Вие како сопственици на бизнис го храните семејството од Вашата работа, истото го прават и Вашите вработени.

Да појаснам, ако спортисти како Кире Лазаров и Новак Ѓоковиќ вежбаат и тренираат најмалку два пати во денот со својот тим, а заработуваат милиони евра годишно, тие се свесни дека токму нивната работа е да бидат МАЈСТОРИ во ЗАНАЕТОТ со кој го обезбедуваат своето семејство и нивната иднина.

Па, дали Вие успеавте изминатиов период да посетите некои семинари, работилници, или да прочитате некоја вредна книга?

Ако одговорот е НЕ, немојте да се чудите зошто ви се слаби резултатите во компанијата, и зошто Вашите вработени не биле доволно вредни!

Значи нема надворешно влијание кое може да ви се испречи на патот ако заедно со тимот континуирано работите на себе.

Најискрено ви кажувам дека за истото немате многу време!

Како никогаш досега, конкуренцијата расте и се надоградува со иновативни стратегии и знаења.

Не дозволувајте времето да ве носи кон провалија.  

ФАТЕТЕ СЕ ВЕДНАШ ЗА РАБОТА!

Недостиг од вредни работници

🚨НОВО ВИДЕО 🚨"Нема веќе вредни работници….порано се знаеше…"Сигурен сум дека често го слушаме или го кажуваме ова во моменти на револт, незадоволство или неуспех.Чаре?Изгледајте го видеото подолу 👇🏼и споделете го со Вашите пријатели! 🙌🏼

Gepostet von Aleksandar Kocovski, Life & Business Coach am Donnerstag, 21. März 2019

Поставувајте цели, неделни и дневни задачи, направете анализа што е постигнато а што не, во што сте добри, и во што ви е потребна уште работа.

Мерете ги резултатите, влечете поуки, и континуирано подобрувајте се себеси и Вашата компанија!

За крај, уште еднаш би сакал да ги потсетам сите кои не учествуваа во истражувањето да го пополнат прашалникот, и воедно би сакал да им се заблагодарам на сите 425 луѓе кои во изминатиов период го сторија истото!

Целта на истражувањето е да дознаеме дали во Македонија еден човек може да постигне хармонија во својот живот и во својот бизнис, а неколкуте прашања кои можете да ги одговорите подолу ќе ни послужат подобро да допреме во проблемите и да ги разбереме, за да ја збогатиме содржината и да дадеме уште повеќе практични совети и примери.

Leave a reply:

Your email address will not be published.

Site Footer